петок, 23 јануари 2009

Стигнаа програмите

Едубунту оперативниот систем конечно е надграден со потребните локализирани програми за подобрување на наставата, инсталирана е програмата за контрола на работните станици, извадени се игрите и чет апликациите и конечно им текна дека profesor - profesor не бива и ја сменија лозинката.

Сепак сеуште треба да се обучат професорите како што треба и да се спречи крадењето на опремата, така да се уште проектот се држи на стаклени нозе.

сабота, 1 ноември 2008

Што понатаму со компјутерите?

Пред неколку денови некои професори ни наредија да ги свртиме мониторите на една страна за да сме можеле да се гледаме меѓусебно кога ќе предавале. Добра идеја, ама не е ли подобро да се тргнат сосема компјутерите и да не ни претставуваат од:
  • Една страна голема грижа - поради тоа што ние сме задолжени за нивната исправност
  • Од друга страна голем проблем - поради тоа како што кажав претходниот запис дека е лесно да се прават разговори помеѓу учениците, и 
  • Од трета страна голем неред - поради тоа што невозможно е да се оди низ училницата кога се повеќе ученици внатре, па мора или да се излезе надвор поради големата прашина и жештината (немаме никаква заштита на прозорците, завесите се 4та димензија за нас) или кога неможе да се излезе надвор поради тоа што е ѕвонето за на час мора да се седи внатре во жештината (баш сакам да видам како ќе биде на зима) и со каблите кои што постојано се откачуваат од мониторите и се газат на земјата
Што ќе се случува понатаму во мојата гимназија со компјутерите не сакам ни да погодувам, најголеми губитници испаднаа учениците сега засега.

недела, 19 октомври 2008

Новите состојби во ОСУ „Мирко Милески“


Според извори од професори и вработени во единствената гимназија во Кичево - ОСУ „Мирко Милески, којашто воедно е и најголем училишен центар во цела Македонија, со околу 2000 ученици од распоредени во 2 смени и во посебни класови (Македонски и Албански), како и според некоја наводна информација на директорот Вукашин во македонските медиуми, добив информации дека во нашето средно училиште нема да бидат приклучени и користени компјутерите во текот на целата школска година поради старата инсталација во училишите простори.
Мене лично (а верувам и другите) ме интересира, на што воопшто мислела школската администрација кога ги поставувале компјутерите во училниците. Единствена „корист“ од нив сега е тоа што е полесно за да се прави разговор за време на часови.
Додаток: Читам на блогот на Кирил Димески дека „ги тргнале мониторите некаде настрана“ во некој магацин во средното медицинско училиште во Велес, според негова другарка.

вторник, 16 септември 2008

Autocad на Edubuntu

Денес во школо ме викна професорот по техничко и ми вика „Ај кога ќе имаш време да инсталираме Autocad на Ubuntu“. Отидов во училната каде што требаше да се инсталира и го запалив куќиштето, но немаше тастатура и глувче. Отиде професорот да земе, и кога ги вклучивме му беше чудно што проработеа без потреба од рестарт. Се логирав и се појави стандарден едубунту 7.04 десктоп, со детска тема. Иако малку стар, 7.04 е супер за оваков проект бидејќи е многу стабилен и сигурен.

Она што ме зачуди дека немаше ни една програма за едукација, знам дека уште не се готови преводите, но зошто не ги ставиле програмите на англиски на дискот кога превод лесно се додава.

Откако го вклучив компјутерот видов дека нема wine, па требаше да симнам и инсталирам од интернет, што беше проблем бидејќи на главниот рутер не беа подесени DNS серверите, а немав лозинка од него, кога ќе добијам пристап ќе ставам OpenDNS и ќе блокирам некои сајтови кои ќе ја нарушуваат продуктивноста на часот :).

Бидејќи немаше интернет го симнав wine пакетот за feisty од ubuntu pakages на друг компјутер и преку усб стик го инсталирав. Се си помина во најдобар ред и за 5 минути имав Autocad на Edubuntu. Без додатните терминали и со Autocad стартуван беа искористени само 200 мб од рамот, што е доста добро ако се знае дека на 7 корисници има 2 гб.

Сега ми останува само да направам пакет (обичен tar.gz) за инсталација на Autocad на системско ниво . бидејќи многу долго ќе биде за секој корисник посебно да инсталирам во ~/.wine .

понеделник, 15 септември 2008

Кој е виновен за исклучените компјутери

Иако владата ги дистрибуира компјутерите низ средните училишта, сепак некаде тие не се користат во добар дел од училиштата.
Околу тоа денеска во интервју министерот за Информатика изјави.

„ Не се вклучуваат бидејќи тоа е ингеренција на директорот на училиштето. Нема причина зошто да не се вклучат. Со тоа само им прават штета на учениците. Има доста критики дека наставниците и професорите не се обучени за оперативниот систем Линукс. Оперативниот систем кој е инсталиран Еду Убунту е 90% сличен на Виндоус, а сите наставници се обучени на него. Со едночасовно запознавање на тој систем секој наставник ќе може да дознае како да ги користи алатките веќе вградени во тој систем. “

Дали ова значи дека учениците се оставени на милост и немилост на директорите, кои ќе одлучуваат дали компјутерите ќе се користат за нешто корисно, или пак ќе стојат на клупите каде што ќе фаќаат прашина додека не станат бескорисни, или пак ова е јавен повик до директорите, се уште е нејасно.

Извор: Канал 5

недела, 14 септември 2008

Што, како и зашто

Edubuntumk е блог посветен на проектот „Компјутер за секое дете“ каде што ќе можете да најдете информации во врска со него. Доколку сметате дека можете да придонесете кон блогот со било каква содржина поврзана со проектот, или пак имате некоја забелешка или пофалба, испратете пошта на edubuntumk at gmail.com . Главна цел на блогот е подршка на компјутеризацијата во образованието односно користењето на слободни солуции во компјутерското образование и поголема информираност на поширока јавност во врска со проектот.